5. Општо за правните основи и градежно-техничката документација

 

1.  Договорите за купопродажба, подарок, распределба на имот за време на живот, размена и за доживотна издршка (во форма на нотарски акт, потврдена приватна исправа од нотар или заверени од надлежен суд) треба да имаат печат за регулиран данок на промет.

 

2.  Договорите за доживотна издршка што се склучени во законски пропишана форма, треба да имаат печат за регулиран данок на промет.

 

Забелешка: При поднесување на овие договори, потребно е да се достави извод од матичната книга на умрените, а не е потребно да се достави и наследно решение за запирање оставинска постапка. Ако се бара само прибележување на договорот во катастарот на недвижности, тогаш не е потребен извод од книгата на умрените.

 

3.  Договорите склучени со ЈПССДП или со градежните претпријатија по јуни 1998 година, треба да се заверени од нотар.

 

4. Договорите склучени со ЈПСПДП или со градежните претпријатија по 1.1.1994 година, треба да имаат печат за регулиран данок на промет.

 

5. Договорите за основање трговско друштво, зголемување на основачки влог, пристапување, истапување и слично треба да имаат заверка на потпис (УЗП) и не подлежат на заверка во однос на данокот на промет.

 

6.  Наследните решенија треба да се правосилни и да имаат печат за регулиран данок на промет.

  

Забелешка: Наследните решенија со кои се расправа правото за денационализација, не се предмет на спроведување во Катастарот.

  

7.   Актите за физичка делба треба да се правосилни, а во зависност од видот на делбата кон нив се приложува и геодетски елаборат/судско вештачење. Актите за физичка делба составени по стапувањето во сила на Законот за даноци на имот („Сл.весник на РМ“ бр.5/2011) не подлежат на плаќање данок.

  

8. Решенијата од државните органи (за трансформација, приватизација, експропријација и сл.) треба да се правосилни, а во прилог се доставува и геодетски елаборат или нумерички податоци (ако станува збор за акти со постар датум).

  

9.  Решенијата за денационализација треба да се правосилни, без печат за регулиран данок на промет и треба да се придружени со записник со скица од Kомисијата за функционалност.

 

10. Судските пресуди треба да се правосилни и да имаат печат за регулиран данок на промет. Ако на печатот за правосилност стои со рака допишан ГЖ бр.__, потребно е да се достави и пресудата од Апелациониот суд (окружен).

 

11. На пресудите од Апелациониот и од Врховниот суд не треба да се бара клаузула за  правосилност.

 

12. Записникот за судско порамнување, во кој е нагласено дека има сила на извршна исправа, не подлежи на правосилност, а подлежи на заверка во однос на данокот на промет.

 

13. Доколку во кој било од правните основи се цитираат нумеричките податоци или геодетскиот елаборат, потребно е тие да се приложат кон барањето, освен ако во правната основа не е цитиран нашиот  број на нивната заверка.

 

14. Под градежно-техничка документација се подразбира одобрение за градење, пренамена, адаптација, реконструкција и слично. Одобрението за градење треба да е правосилно. Со одобрението се приложува и наведената документација (услови за градба, локација, протокол, урбанистичка согласност, проект и др.).

 

15. Доколку одобрението е издадено по стапувањето во сила на Законот за градење објавен во „Службен весник на РМ“ бр.130/09, потребно е органот што го издал одобрението да достави: пријава за запишување во Јавната книга, кон која поднесува доказ за платен надоместок, основен проект или проект за изведената состојба доколку се извршени измени во текот на изградбата, геодетски елаборат од извршен премер на објектот, одобрение за употреба на градбите од прва категорија, извештај за извршен технички преглед од надзорен инженер за градби од втора категорија, односно изјава заверена од нотар, дадена под полна материјална и кривична одговорност од изведувачот за градбите наменети за индивидуално домување со развиена бруто-површина до 300 м2.