Катастар на недвижности и регистрација - завршен
Основната цел на проектот „Катастар на недвижности и регистрација“ е да се изгради еден ефикасен и ефективен систем на катастар на недвижности и регистрација, со што ќе придонесе кон развојот на ефикасни пазари на земјиште и недвижности на територијата на Република Македонија.

Проектните активности беа фокусирани кон:
1. Забрзување на процесот за воспоставување катастар на недвижности (КН) и запишување (регистрација) на правата на сопственост;
2. Подобрување на процесите и процедурите на работа преку реорганизација на канцелариските функции и воведување автоматизација и ИТ технологија;
3. Подобрување на институционалниот капацитет и човечките ресурси во АКН преку изготвување и имплементација на стратешки менаџмент-план и план за развој на човечките ресурси;
4. Развој и зајакнување на владиниот капацитет за формулирање политики со цел создавање ефикасни пазари на недвижности.
Очекувани и остварени резултати по завршувањето на проектот се:
1. Катастарот на недвижности (КН) е воспоставен на 99,50% од територијата на Република Македонија;
2. Комплетиран катастар на недвижности и регистрација на правата во сите урбани и полуурбани средини;
3. Рационализирани процедури за конверзија на катастарот на земјиште во катастар на недвижности (конверзија од поседовни во имотни листови) во руралните средини;
4. Трансакциите да се регистрираат за 1 ден во сите канцеларии на АКН;
5. АКН има стратегија да прерасне во самофинансирачка агенција, која ќе работи во согласност со модерните деловни практики;
6. Целиот катастарски премер да се врши од страна на приватни геодети;
7. Да е воспоставен владин механизам што добро функционира за формулирање земјишни политики преку партиципативен процес.
Проектот се имплементираше низ четири компоненти:
1. Комплетирање на катастарот на недвижности и запишување на правата. Оваа компонента го поддржа комплетирањето на катастарот на недвижности и регистрирањето на правата во сите урбани и полуурбани средини во Република Македонија. Компонентата вклучуваше две поткомпоненти: (1) оперативна поддршка на комплетирањето на КН, поддршка на систематското излагање и регистрирање на правата на сопственост и рационализација на процедурите на регистрација; и (2) кампања за јавно информирање.
2. Институционален развој и подобрување на услугите. Целта на оваа компонента беше АКН да се трансформира во една модерна и ефикасна национална агенција за катастар и регистрација и да се подобри давањето услуги во сите подрачни канцеларии. Оваа компонента вклучуваше: (1) институционален развој на АКН кој се фокусираше на развивање на АКН како ефикасна агенција ориентирана кон давање јавни услуги, со цел да се одржува преку самофинансирање; (2) промовирање на транспарентноста и одговорноста преку издавање „листа на права на корисниците“, воспоставување директна телефонска линија за примање поплаки на корисниците и зајакнување на внатрешната контрола за случаите на корупција и незаконското работење; (3) подобрување на услугите на регистрација и услугите во врска со секундарните трансакции; (4) развивање автоматизиран систем на катастар и регистрација; и (5) едукација и тренинг за вработените во АКН, како и за геодетите од приватниот сектор.
3. Развој на земјишна политика. Преку оваа компонента се даде поддршка на владиниот капацитет да креира и да развива политики потребни за обезбедување на комплетирањето на катастарот на недвижности и целосното функционирање на пазарите на земјиште и недвижности преку: (1) развивање на владините капацитети за координирање на креирањето на политики за земјиште и недвижности преку консултативни процеси; и (2) формулирање на специфични земјишни политики и политики на недвижности, кои се неопходни за комплетирање на катастарот на недвижности и за целосното функционирање на пазарите на земјиште и недвижности.
4. Управување на проектот. Компонентата вклучуваше: (1) поддршка на АКН за управување на проектот преку финансирање на трошоците на Единицата за управување на проектот, вклучувајќи договорно ангажирање на персонал; и (2) мониторинг и евалуација на проектот.
Проектот „Катастар на недвижности и регистрација“ беше имплементиран од Агенцијата за катастар на недвижности со сите 29 подрачни одделенија за катастар на недвижности и со Центарот за катастар на недвижности – Скопје. Единица за управување со проектот (ЕУП) беше главно координативно и извршно тело на проектот.
За имплементација на проектот беше обезбеден заем од Светската банка во износ од 10,3 милиони евра. Имплементацијата на проектот започна во јуни 2005 година и заврши на 31.12.2010 година.
Документи: